За нас

Во изминатиот временски период во програмите на релевантните политички партии во Македонија многу малку се вградени основните интереси на пензионерите. Најчесто се спомнуваат во изборните платформи, односно кампањите, кога на партиите им требаат гласовите на пензионерите, а по завршената “задача“ остануваат само декларативни ветувања и низок степен на реализација на ветеното.
На просторите на некогашна Југославија (Словенија, Хрватска и Србија) успешно функционираат неколку политички пензионерски партии, кои имаат парламентарен статус и учествуваат во извршната власт.
Во центарот на интерес и внимание на тие партии се пензионерите и нивните егзистенцијални интереси и потреби, каде клучни прашања се висината и редовноста на пензиите, усогласување со примањата на вработените, квалитетот на пензиското осигурување, системот на здравствено осигурување, социјалната заштита, пензионерските домови за сместување, клубовите за дружење и разонода и други прашања. Поконкретно за некои достигнувања и резултати во вториот дел од овој напис.
Состојбата во нашата држава во однос на постоењето на партија на пензионери е поинаква. Ние сме една од ретките држави каде пензионерите не егзистираат како релевантен политички субјект со одредено влијание. Ние ќе бидеме сигурно последни во овој дел, но тоа е потреба и природен тек на случувањата и тешко дека некој ќе го спречи. Незадоволството од статусот на пензионерите секојдневно расте; третманот од страна на постоечките партии и власта не е во согласност со потребите и интересите на пензионерите и секако, да не го заборавиме фактот дека моментално во Македонија има над 290.000 пензионери , бројка сo постојана тенденција на зголемување во наредните години. Тоа се луѓе со акумулирано искуство, знаење, мудрост и одговорност; луѓе кои ја граделе оваа држава и вложиле дел од себе во сето она што го имаме и со кое денес се гордееме.
Партиите во Македонија немаат ниту еден пензионер vо своите раководни партиски структури; многу ретко пензионер е општински советник, a за пратеници пензионери воопшто и не станува збор. Едноставно, пензионерите се “добри“ само како гласачка машина и не се посакувани во другите сфери.